
Актуелниот силен феномен Ел Нињо би можел да предизвика околу 451.000 дополнителни смртни случаи поврзани со екстремните горештини во периодот до февруари 2027 година, проценуваат истражувачите од Climate Impact Lab при Универзитетот во Чикаго.
Станува збор за проекција заснована на односот меѓу температурите и зголемената смртност во 24.378 региони ширум светот, комбинирана со сезонските прогнози за температурите под влијание на Ел Нињо.
Најголем ризик во наредните месеци имаат тропските земји, а меѓу најпогодените се очекува да бидат Нигерија, Индонезија, Судан, Индија и Бразил.
Според проценките, само во Нигерија би можеле да има околу 31.400 дополнителни смртни случаи од горештините, во Индонезија околу 19.300, а во Судан околу 17.600. За регионот Сахел во Африка се проценуваат околу 66.800 дополнителни смртни случаи.
Во САД, кои исто така се меѓу 20-те најпогодени земји, се очекуваат околу 3.500 дополнителни смртни случаи поврзани со топлотниот бран.
Истражувачите предупредуваат дека последиците од Ел Нињо нема да се ограничат само на високите температури. Феноменот може да донесе и суши, шумски пожари и поплави, додека нарушувањата во земјоделството би можеле дополнително да ги погодат снабдувањето со храна и цените.
Ел Нињо е природен климатски феномен поврзан со периодично затоплување на водите во централниот и источниот дел на тропскиот Пацифик. Сепак, научниците предупредуваат дека неговите ефекти сега се одвиваат врз значително потопла глобална климатска основа поради климатските промени.
Climate Impact Lab проценува дека бројот на екстремно топли денови би можел да биде околу 44 отсто поголем од вообичаеното. Истражувачите го опишуваат актуелниот настан како предупредување за условите кои би можеле да станат вообичаени во иднина.
Научниците посочуваат дека подобрите системи за рано предупредување, центри за разладување, дополнителен медицински персонал во периодите на најголеми горештини и подобра заштита на работниците кои работат на отворено би можеле да помогнат во намалувањето на последиците.
Проекциите се однесуваат на дополнителната смртност поврзана со температурата и се споредуваат со просечните услови во периодот од 1996 до 2025 година. Истражувачите дополнително ќе ги ажурираат проценките како што ќе се развива Ел Нињо.















