УТРО.мк

Избувна нова војна во Африка

Избувна нова војна во Африка
Vero

Во северниот дел на Етиопија повторно избувнаа вооружени судири меѓу силите од регионот Тиграј и федералните власти, со што дополнително е загрозен мировниот договор од 2022 година.

Силите поврзани со Народноослободителниот фронт на Тиграј (TPLF) презеле контрола врз аеродромот во главниот град на регионот, Мекеле, според локални извори цитирани од Ројтерс. Етиопската национална авиокомпанија „Ethiopian Airlines“ потоа ги суспендирала летовите кон Мекеле, Шире и Аксум поради безбедносната ситуација.

Регионалната влада на Тиграј соопшти дека нејзините сили влегле во, како што ја нарекуваат, „одбранбена војна“ против федералните сили. Од федералната влада засега нема непосредна реакција на ова соопштение.

Според извештаите, судири се регистрирани и во соседниот регион Афар, а има информации и за борби во Амхара. Советникот на премиерот Абиј Ахмед, Гетачу Реда, објави дека силите на Тиграј започнале офанзива врз позиции на владините сили во Афар и Амхара.

Новата ескалација доаѓа само неколку дена откако ТPLF и уште шест вооружени групи од различни делови на Етиопија објавија дека формирале сојуз со цел да ја сменат владата на премиерот Абиј Ахмед. Во сојузот се наоѓа и движењето Фано од Амхара, кое во претходната војна се бореше на страната на федералната влада против Тиграј.

Претходната војна во Тиграј траеше од 2020 до 2022 година и заврши со мировниот договор потпишан во Преторија во ноември 2022 година. Во конфликтот загинаа стотици илјади луѓе.

Мировниот договор со години беше проследен со спорови околу неговото спроведување, разоружувањето и политичкиот статус на ТPLF. Во јули годинава, ТPLF соопшти дека договорот од Преторија практично повеќе не важи.

Етиопската влада претходно го обвини ТPLF за кршење на мировниот договор, додека Тиграј ги обвинува федералните власти дека не ги исполнуваат преземените обврски.

Дополнителна загриженост предизвикуваат и обвинувањата за вмешаност на соседна Еритреја. Етиопската влада ја обвинува Еритреја дека поддржува вооружени групи, но Еритреја ги негира таквите тврдења.

Најновите борби го зголемуваат стравувањето дека конфликтот од Тиграј би можел повторно да се прошири и во други делови на Етиопија.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран