
Бугарските инспекциски служби спречиле влез на пратка од над два тона кисело млеко од Македонија, откако при контролата биле утврдени несовпаѓања меѓу придружната документација и ознаките на производите.
Пратката била запрена на граничниот премин Ѓуешево, кој од македонска страна се поврзува со граничниот премин Деве Баир, при редовна контрола на инспекторите од Бугарската агенција за безбедност на храната (БАБХ).
Во пратката имало вкупно 576 картони, со по 20 пакувања кисело млеко.
При физичката и документациската проверка, инспекторите утврдиле дека податоците наведени во официјалниот сертификат за квалитет не се совпаѓале со ознаките отпечатени на самите пакувања.
Поради утврдените неправилности, за пратката не била издадена дозвола за увоз, а производите уште истиот ден биле вратени кај македонскиот испраќач.
Од Бугарската агенција за безбедност на храната посочуваат дека контролите на границата се спроведуваат согласно регулативите на Европската Унија, со цел на пазарот да не се пласираат производи кои не ги исполнуваат пропишаните барања и стандарди.















