
Министерството за внатрешни работи ќе се вклучи во борбата против злоупотребите со боледувањата, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој оцени дека станува збор за сериозен проблем кој е присутен и во јавниот и во приватниот сектор, но нагласи дека при контролите мора да се почитуваат човековите права.
Најавата доаѓа во период кога Фондот за здравствено осигурување подготвува построги правила за користење боледување. Меѓу предложените мерки е матичните лекари самостојно да можат да отворат боледување до пет дена, наместо досегашните седум, како и воведување поголема електронска контрола.
Се разгледува и можноста за проверки на осигурениците додека се на боледување.
Дека постојат сомнежи за злоупотреби покажаа и претходните контроли во МВР. По барање на Министерството, ФЗО во втората половина на 2025 година проверил 80 вработени, кај кои биле евидентирани вкупно 514 боледувања.
Неправилности биле утврдени кај 29 лица, односно кај околу 37 проценти од контролираните вработени.
Од вкупно 514 проверени боледувања, 100 биле оценети како неуредно издадени. Во контролата биле опфатени и 105 приватни здравствени установи, при што неправилности биле констатирани и кај дел од лекарите и лекарските комисии.
Од ФЗО претходно посочија и конкретни примери за сомнително користење боледувања, меѓу кои случаи во кои осигуреници менувале матични лекари или користеле последователни боледувања со различни дијагнози.
Најавите за заострување на контролите предизвикаа реакции, особено околу можноста за проверки во домовите на осигурениците и намалувањето на периодот за кој матичниот лекар може самостојно да отвори боледување.
Сепак, засега станува збор за предложени и најавени измени, а не за правила кои веќе стапиле во сила.















