
Во Нук се одвива нова рунда дипломатски контакти меѓу Гренланд и Соединетите Американски Држави околу идниот статус на островот, при што локалните власти нагласуваат дека и покрај одредено приближување на ставовите, границите на преговорите остануваат јасно поставени.
Владата на Гренланд соопшти дека разговорите на високо ниво со американската страна донеле одреден напредок, но истовремено повтори дека прашањето за продажба или анексија на островот не доаѓа во предвид. Премиерот Јенс-Фредерик Нилсен, по средбата со американскиот специјален пратеник Џеф Ландри, истакна дека дијалогот се одвива во конструктивна насока, но без отстапки од клучните позиции на островот.
„Од наша страна постои јасна посветеност на решенија што се од заедничка корист. Сепак, важно е да се нагласи дека закани или идеи за преземање, купување или било каква форма на контрола врз Гренланд не се реализирани и нема да бидат прифатени“, порача Нилсен.
Американскиот претставник, кој неодамна пристигна во Нук, засега не излезе со официјална изјава по средбите, но во неформални разговори со локални медиуми навел дека неговата мисија е повеќе насочена кон слушање и разбирање на ставовите на домаќините.
Министерот за надворешни работи Муте Егеде дополнително ја зацврсти позицијата на локалните власти, нагласувајќи дека Гренланд останува неделив и дека неговата иднина нема да биде предмет на продажба. Според него, „црвените линии“ се јасно поставени уште од почетокот на контактите.
Во поширок геополитички контекст, интересот на Вашингтон за зајакнување на своето присуство во арктичкиот регион веќе подолго време создава тензии меѓу САД, Данска и европските партнери. Дел од американските планови вклучуваат и проширување на одбранбената архитектура, во која е вклучен и Гренланд, како и зголемено воено присуство на островот, каде веќе функционира базата „Питуфик“.
















