УТРО.мк

Меркел ја одби улогата посредник меѓу Украина и Русија

Меркел ја одби улогата посредник меѓу Украина и Русија
Vero

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел изјави дека не гледа можност таа да ја преземе улогата на главен посредник во евентуални мировни разговори меѓу Украина и Русија, нагласувајќи дека ваков тип преговори можат да водат исклучиво актуелни политички лидери со реална институционална моќ.

Според неа, кредибилитетот во директна комуникација со рускиот претседател Владимир Путин произлегува од функцијата, а не од политичкото искуство по напуштањето на должноста. „Такви разговори беа можни само затоа што тогаш бевме на чело на владите. Потребна е таа политичка тежина“, порача Меркел, индиректно објаснувајќи зошто се оградува од идејата за посредување.

Нејзиното име неодамна се најде во јавните дебати откако од Москва како потенцијален посредник беше спомнат поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, предлог кој беше остро одбиен од институциите на Европската Унија поради неговите блиски односи со Кремљ.

Иако ја отфрла личната улога во можни преговори, Меркел истовремено упати критика кон Европската Унија, оценувајќи дека европските институции не го искористиле во доволна мера својот дипломатски капацитет во односите со Русија. Таа посочи дека дијалогот не смее да се препушти на поединечни светски лидери, алудирајќи дека одржувањето контакти не треба да зависи исклучиво од американскиот претседател Доналд Трамп.

Во интервју за германскиот јавен сервис ВДР, Меркел потсети дека уште за време на нејзиниот мандат, на последниот состанок на Европскиот совет во октомври 2021 година, предложила воспоставување формализиран дипломатски канал меѓу ЕУ и Русија. Според неа, иницијативата не добила поддршка поради длабоките разлики меѓу земјите членки околу пристапот кон Москва.

Таа оцени дека токму тие внатрешни несогласувања ја блокирале можноста за единствен европски став, додавајќи дека дипломатските напори мора да се градат трпеливо и доследно. Во тој контекст, Меркел потсети дека и во периодот на Студената војна, дијалогот бил клучен инструмент паралелно со политичкиот притисок, и дека сличен пристап останува неопходен и денес.

MegaWin
MegaWin
Green Machines

Сподели го овој напис

MegaWin
MegaWin
Филигран