Путин го смени министерот за сообраќај по хаосот со украинските дронови – назначен нов вршител на должност
Рускиот претседател Владимир Путин денес издаде указ со кој го разреши министерот за сообраќај Роман Старовојт, откако Украина изведе воздушни напади со дронови што сериозно го нарушија воздушниот сообраќај во Русија, пренесува бриселскиот портал Politico.
На негово место, како вршител на должност, е назначен Андреј Никитин. Иако руската влада засега не даде официјално образложение за смената, до неа доаѓа веднаш по викендот исполнет со прекинати летови, затворени аеродроми и блокирани патници поради украинските напади.
Според податоците на Руската федерална агенција за воздушен сообраќај и Министерството за сообраќај, во периодот од сабота до понеделник се откажани 485 летови, 88 биле пренасочени, а дури 1.900 летови доцнеле.
Авиокомпаниите биле принудени да вратат средства за околу 43.000 продадени билети, да обезбедат хотелско сместување за 94.000 патници, како и храна и пијалаци.
Весникот Комерсант проценува дека целокупната штета би можела да изнесува неколку милијарди рубљи.
Ова не е прв пат украинските дронови да го натераат Кремљ привремено да го затвори воздушниот простор за цивилен сообраќај, но последниот напад очигледно ја прели чашата на трпението.
Роман Старовојт беше назначен за министер за сообраќај во мај 2024 година, откако претходно ја извршуваше функцијата гувернер на Курската област.
Сега, на чело на министерството доаѓа Андреј Никитин – во период кога Русија се соочува со сè поинтензивни предизвици на домашниот фронт.