Иранските ракетни напади врз Израел продолжија со нов интензитет, при што израелските служби за итна помош соопштија дека повеќе од 50 лица се повредени на две локации во областа на Тел Авив – Реховот и Бат Јам. Најмалку една жена на возраст од околу 60 години загина во нападот во Бат Јам.
Според здравствените служби, петмина се тешко повредени, 12 имаат умерени повреди, додека останатите се со полесни телесни повреди. Најголем дел од повредените се здобиле со повреди од шрапнели и урнатини поради директни погодоци врз станбени објекти.
Израелските медиуми јавуваат дека жртвите и материјалната штета се резултат на последниот бран ракети што Иран го испрати во текот на изминатата ноќ, во рамки на операцијата „Вистинско ветување 3“. Воздушните сирени се огласија неколкупати во јужните и централните делови на Израел, а дел од ракетите биле пресретнати од израелскиот одбранбен систем „Железна купола“.
Нападите доаѓаат во момент на засилена размена на удари меѓу двете држави, при што и двете страни трпат човечки загуби и значителна штета. Израелските власти најавија дека воените операции ќе продолжат сè додека, како што велат, „иранската закана не биде целосно неутрализирана“.