Израелскиот министер за надворешни работи, Гидеон Саар, изјави дека нападот врз Иран бил неизбежен чекор, иако биле свесни за можните цивилни жртви. Во интервју за CNN, Саар истакна дека одлуката била „историска и тешка“, но донесена со цел да се заштитат граѓаните и безбедноста на државата.
„Кога ја донесовме оваа одлука, знаевме дека следуваат тешки моменти и дека ќе има жртви. Но, едноставно немавме друг избор“, рече Саар во разговор со новинарката Бијана Голодрига.
Израелскиот напад на Иран поттикна серија ирански ракетни удари, во кои, според официјални податоци, загинаа 14 лица во Израел, меѓу кои и тројца малолетници.
Саар потврди информации од израелските разузнавачки служби дека Иран бил на само шест месеци од изработка на атомска бомба, а моментално поседува доволно обогатен ураниум за девет нуклеарни боеви глави.
На прашањето дали крајната цел на операцијата е промена на режимот на врховниот лидер Али Хамнеини, Саар одговори дека тоа не е намерата на Израел. „Тоа е работа на иранскиот народ. Ние не го сметаме иранскиот народ за непријател“, истакна тој.
Министерот се заблагодари на САД за воената поддршка, но нагласи дека одлуката за понатамошна интервенција е исклучиво во рацете на Вашингтон. „Тие имаат свои проценки и тие ќе решат што понатаму“, изјави Саар.