Најновото истражување на научници од САД и Велика Британија открива алармантни податоци за состојбата на океаните – тие се поблиску од кога било до критична точка што може да го наруши целиот морски екосистем. Според извештајот објавен во Science Alert, нивото на киселост во морската вода веќе ја надминало безбедната граница што се сметаше за толерантна за морскиот живот.
Океаните апсорбираат огромни количини јаглерод диоксид од атмосферата, што доведува до хемиски реакции и пад на pH вредноста – процес познат како закваснување. Овој процес особено ги погодува организмите кои зависат од минералот арагонит за изградба на своите лушпи и скелети, како што се школки, корали и некои видови планктон.
Научниците досега веруваа дека опасната граница е намалување на заситеноста со арагонит за 20%, но новите податоци укажуваат дека алармот требало да се вклучи уште при 10% – ниво што океаните го имаат надминато уште пред дваесет години. Денес, 60% од подлабоките слоеви и 40% од површинските води се веќе надвор од безбедната зона.
Особено загрозени се поларните региони и екваторијалните води, каде што се забележуваат најдраматичните промени. Биолошките ефекти се сериозни – од распаѓање на коралните гребени до исчезнување на цели видови. „Овие промени не се гледаат со голо око, но последиците се катастрофални“, вели Хелен Финдлеј од Plymouth Marine Laboratory.
Доколку се потврди дека човештвото ја надминало и оваа планетарна граница, тоа ќе биде седмиот глобален систем во кој сме предизвикале неповратни штети, од вкупно девет што се следат за проценка на здравјето на планетата.
Научниците повикуваат на итни интервенции – од заштита на стабилните морски региони до конкретни мерки за ублажување на последиците таму каде што ситуацијата веќе е критична. „Ова не е само еколошка, туку и економска закана“, предупредува Стив Видикомб од PML. „Рибарството, туризмот и многу индустрии зависат од здрави океани. Ние немаме време за одложување.“