
Германија денес е дом на над 14 милиони странци, што ја прави една од најразноликите земји во Европа. Според официјалните податоци, во земјата се регистрирани 14.077.867 странци, што претставува околу 16,8% од населението, кое брои околу 83,6 милиони луѓе.
Децении наназад, Турците доминираа како најголема странска заедница во Германија. Денес, тие сè уште се на врвот со 1.522.681 лице, но нивната предност се топи. На само 125.000 зад нив, брзо се пробиваат Украинците, чие присуство експлодираше по руската инвазија во февруари 2022 година. Тогаш во Германија живееле само околу 135.000 украински државјани – денес тие се 1.402.245, што ги прави потенцијално најголемата странска група во земјата во блиска иднина.
Други значајни заедници вклучуваат Сиријци (940.401), Романци (907.185), Полјаци (842.789) и Италијанци (630.247). Од Балканот, најмногу жители имаат Србите (262.479) и Босанците (246.724), додека Хрватите (414.555) се девети по големина. Македонската заедница брои 161.044 лица, поставувајќи ја на 22-ро место.
Групата земји од кои доаѓаат повеќе од 150.000 жители во Германија е впечатливо разнородна: Косово, Индија, Русија, Ирак, Унгарија, Шпанија, Австрија, Кина, Иран, Македонија и Виетнам.
Но бројот на странци е само дел од поголемата слика. Според микропописот за 2024 година, околу 25,2 милиони луѓе во Германија имаат мигрантско потекло, што претставува повеќе од 30% од населението. Оваа категорија ги вклучува и децата на странци родени во земјата, натурализираните граѓани и доцните емигранти од Источна Европа и поранешниот Советски Сојуз.



























