
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека и покрај постигнатиот напредок, останува „уште многу работа“ меѓу страните вклучени во дискусиите за контролата и безбедноста на Гренланд.
Во разговор со Фокс њуз, Руте откри дека на маргините на Светскиот економски форум во Давос, тој и американскиот претседател Доналд Трамп се согласиле дека Арктикот е критично важен регион кој мора да биде заштитен преку заеднички напори. „Разговорите беа конструктивни и резултираа со добар исход, но секако има уште многу што треба да се направи“, рече тој.
Според него, САД ќе продолжат дијалог со Данска и со Гренланд, со посебен акцент на спречување на Русија и Кина да добијат економски или стратешки придобивки од регионот. НАТО, додаде тој, ќе разгледува начини како колективно да ја зајакне безбедноста на Арктикот, вклучувајќи копнени, поморски и воздушни мерки. „Гренланд е важен дел од светот и од територијата на НАТО, и тоа го земаме многу сериозно“, подвлече Руте.
На прашањето дали предложената рамка за можен договор, која претходно ја најави Трамп, го предвидува статусот на Гренланд како дански автономен остров, Руте одговори дека тоа прашање не било дел од неговите последни разговори. „Фокусот беше исклучиво на заштитата на регионот“, рече тој.



























