
Рускиот претседател Владимир Путин се огласи за ситуацијата околу Гренланд, нагласувајќи дека Русија не е засегната од актуелните случувања. „Тоа што се случува со Гренланд воопшто не нè засега“, рече тој за време на оперативното советување со постојаните членки на Советот за безбедност на Русија.
Според Путин, решението ќе го најдат САД и Данска: „Мислам дека тие ќе се договорат меѓу себе.“ Рускиот лидер додава дека Данска историски се однесувала кон Гренланд како кон колонија – строго, па дури и сурово – но според него, тоа веќе е минато и малку кој го интересира сега.
Во својот осврт, Путин дури го пресмета и „ценовникот“ за можна купопродажба на Гренланд. Според него, ако се спореди со историската продажба на Алјаска во 19 век, земјата би чинела помеѓу 200 милиони и една милијарда долари. „Површината на Гренланд е малку поголема од Алјаска, околу 2,166 милиони квадратни километри. Според тоа, цената би се движела околу 200-250 милиони долари, а со денешните цени на златото можеби и околу милијарда, што САД можат да си го дозволат“, изјави рускиот лидер.



























