Крајот на конфликтот во Украина директно ќе зависи од обемот на западната воена помош за Киев, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Според него, Русија внимателно ја следи динамиката на снабдување со оружје и веќе бележи одредени „проблеми“ во таа насока.
„Колку помалку ракети стигнуваат во Украина од странство, толку е поблиску крајот на специјалната воена операција“, рече Песков, алудирајќи на можниот пресврт во текот на војната.
Изјавата доаѓа во контекст на информациите што ги објави американскиот портал Politico, според кои САД привремено ја суспендирале испораката на муниција и оружје кон Украина, поради исцрпување на сопствените резерви.
Заменичката на портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, потврди за NBC News дека навистина дошло до прекин на испораките, истакнувајќи дека приоритет се интересите на американската национална безбедност.
Во врска со оваа одлука, конгресменот Брајан Фицпатрик, член на Одборот за разузнавање при Претставничкиот дом, побара итен брифинг од Белата куќа и Пентагон.
Коментирајќи ја ситуацијата, Песков нагласи дека американската одбранбена индустрија очигледно не успева да произведе доволно ракети – особено имајќи предвид дека значајни количини веќе се испорачани и на Израел и на Украина. „Снабдувањето продолжува, но ние внимателно го следиме секој чекор“, изјави тој.