Руската јавност е потресена од веста за смртта на генерал-мајор Михаил Гудков, заменик-командант на руската морнарица, кој загина во украински напад врз команден центар во Курската област. Според регионалните власти, Гудков загинал „вршејќи ја својата должност како офицер“, а неговата ликвидација предизвикала сериозен немир и загриженост во руската армија.
Гудков важеше за еден од милениците на рускиот претседател Владимир Путин, кој лично го унапреди во втор човек на морнарицата во март 2025 година. Тој беше одликуван со највисоки државни признанија, вклучувајќи ја титулата Херој на Русија, Орден за храброст и медалот Жуков.
Иако во Русија беше славен како херој, украинските власти и дел од меѓународните организации го обвинуваа за воени злосторства врз цивилното население. Украина одамна го имаше ставено на списокот на осомничени за тешки кршења на меѓународното хуманитарно право.
Неговата смрт е дел од поширока стратегија на Украина за елиминација на високите руски офицери, која досега резултирала со загуба на најмалку 11 генерали и над 50 високи офицери од страна на Москва. Според западни извори, бројот на загинати генерали може да достигне и до 20, што претставува историски преседан за модерно војување.
Гудков е убиен во напад со прецизно оружје, во кој, според воени извори, загинале уште десетина војници. Украинските сили продолжуваат со успешни операции за таргетирање на командни пунктови, користејќи ракетни системи како HIMARS, артилерија, снајпери и дури и обавештајни упади.
Со неговата смрт, Русија ја губи една од своите најперспективни воени фигури, за која многумина веруваа дека е иден шеф на Генералштабот. Кремљ засега не ја коментира официјално загубата, но дипломатски извори велат дека веста силно одекнала во највисоките ешалони на власта во Москва.