Во Битола наскоро ќе се отвори нов Дневен центар за стари лица, чија цел е да овозможи активно стареење и подобрување на квалитетот на животот на повозрасната популација. Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани и претставникот на Црвениот крст, Кристијан Крстески, денеска го потпишаа договорот за грант кој овозможува реализација на овој значаен проект.

Министерството за социјална политика ќе обезбеди финансиска поддршка од 1.070.296 денари, додека центарот ќе биде воспоставен со цел да им понуди на старите лица од Битола – особено на оние од руралните средини – социјализација, дневна грижа и активности кои го поттикнуваат активно вклучување во заедницата.

Новата социјална услуга е дел од пошироката реформа за подобрување на социјалната заштита и ќе биде достапна за минимум 24 до максимум 50 корисници. Центарот ќе функционира во рамки на проектот поддржан од Светска банка.