Германските власти денеска соопштија дека неколку патници се повредени во напад со остар предмет во брз воз кој патувал од Хамбург кон Виена. Според полицијата од Баварија, инцидентот се случил околу 13:55 часот по локално време додека возот минувал низ градот Регнсбург на пат кон Платлинг.
Полицијата потврди дека четири лица се полесно повредени, а напаѓачот е уапсен на лице место. Во моментот на нападот во возот имало околу 500 патници. Некои медиуми известуваат дека станува збор за напад со нож, додека други споменуваат и употреба на чекан и секира. Германскиот весник „Билд“ јави дека напаѓачот е сириски државјанин.
Хитните служби брзо интервенирале, а возот бил принудно запрен откако патниците ја активирале рачната кочница. Областа околу местото на нападот била оградена додека истражителите ги собирале доказите и проценувале ситуацијата.