Голема полициска акција се одвиваше денес попладне во близина на противпожарната служба во скопската населба Автокоманда, каде што припадници на Бирото за јавна безбедност изведоа координиран удар против организирана мрежа за трговија со дрога.
Според неофицијални информации, акцијата ја воделе Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за сузбивање на организиран криминал. Во фокусот бил канал за дистрибуција на синтетичка дрога – екстази, кој бил целосно пресечен.
На терен се приведени најмалку три лица, а запленета е значителна количина на екстази – дрога што сериозно го загрозува здравјето, особено кај младата популација, која често е мета на ваквите криминални структури.
Извори блиски на истрагата информираат дека акцијата е во тек и дека се очекуваат претреси на повеќе локации во подрачјата на Скопје и Куманово.
Оваа операција претставува уште еден сериозен удар врз организираниот криминал во државата и силна порака дека институциите нема да дозволат дистрибуција на опасни супстанции што ја загрозуваат безбедноста и иднината на младите.