УТРО.мк

Мицкоски од Струмица: Ги поставуваме темелите на нова Македонија – праведна, чесна и блиска до народот

Мицкоски од Струмица: Ги поставуваме темелите на нова Македонија – праведна, чесна и блиска до народот
Vero

„Не дозволивме тишината да победи, не дозволивме безнадежноста да стане стандард, не дозволивме да продолжи поразот“, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на синоќешната трибина во Струмица, обраќајќи се пред граѓаните по повод една година владеење на новата Влада.

Мицкоски истакна дека новиот почеток не бил лесен, но бил неопходен. Како што рече, не се почнало од нула, туку „од минус“, поради состојбите што, според него, ги оставиле претходните власти – нарушени институции, разурнат систем, здравство во колапс, молчлива администрација, правосудство без доверба и генерации млади што ја напуштале државата.

„Ги поставуваме првите тули на ново општество – праведно, чесно, вредно, блиско до народот. Ги зацврстивме носечките столбови што беа напукнати: довербата, правдата, одговорноста, визијата“, истакна Мицкоски.

Според него, во изминативе 365 дена се работело на темелите, а целта е изградба на систем што ќе функционира по мерка на граѓанинот. Најави воведување обврска институциите да одговараат на барањата на граѓаните во рок од 5 дена – мерка која, како што рече, ќе биде регулирана со закон, а не само ветување.

Мицкоски најави и јавна листа со времиња на чекање во здравствените установи, казни за административен молк, како и реформа во образованието – воведување на предмет за вештачка интелигенција со цел да се подготват учениците за иднината и дигиталната ера.

На трибината се осврна и на земјоделството, посочувајќи дека за помалку од една година се исплатени над 9 милијарди денари субвенции, склучени се над 2.100 договори за користење земјиште, и распишан е повик за финансиска поддршка на млади земјоделци.

Мицкоски изрази уверување дека есенските локални избори ќе донесат „огромна победа“ за ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, за која рече дека „предолго била заробена од една фамилија“, алудирајќи на поранешното раководство на СДСМ.

„Ова е само почеток. Но веќе е почеток кој долго го чекавме – на нова, поинаква татковина. Земја на ред, човечност и можности. Земја што ќе работи за тебе и ќе расте за тебе“, заврши премиерот Мицкоски.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран