Со особена чест и чувство на одговорност, денес ја одбележуваме првата година од формирањето на Министерството за дигитална трансформација – ново, но суштинско поглавје во политичкиот систем на Македонија, истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на прес-конференцијата по повод годишнината од формирањето на министерството.
– Што постигнавме за една година? Прво, услугите пристигнаа кај граѓаните, не обратно. Имаме 120 нови услуги, бројка што постојано расте. Повеќе од 170 илјади граѓани тоа го препознаа, рече Андоновски, нагласувајќи дека сега граѓаните можат онлајн да ги добиваат услугите преку порталот uslugi.gov.mk. Со измените на законот за електронски документи, за првпат правно валидни документи може да се добијат без физичко присуство, со електронски потпис, QR код, во електронска форма или како печатен документ.
Министерот додаде дека не се заборавени граѓаните кои немаат пристап до дигитални алатки или вештини, па затоа во текот на летото, покрај трите новоотворени Центри за услуги, ќе се отворат уште најмалку три нови.
– Ја поврзавме државата. Преку платформата за интероперабилност, денес повеќе од 70 институции разменуваат податоци во реално време. Наместо граѓанинот да носи хартија од еден до друг шалтер, институциите сега комуницираат електронски. Истовремено, ја зајакнавме заштитата на државните системи. По тригодишен вакуум, ја донесовме Националната стратегија за сајбер безбедност, која има буџет, акционен план и јасни обврски за сите засегнати страни, рече Андоновски.
Министерот потенцираше и усвојувањето на четири реформски закони усогласени со ЕУ регулативите: Законот за електронски комуникации, првиот Закон за сајбер безбедност, Законот за архивска дејност и Законот за електронски документи. Во рамките на министерството е формиран Сектор за сајбер безбедност, кој треба да вклучува и Владин центар за одговор на инциденти (SOC).
Во однос на безбедноста на децата и младите во дигиталниот простор, Андоновски истакна дека министерството активно работи на воспоставување на националниот Центар за побезбеден интернет MKSafeNet – прв интегриран национален систем што ја става безбедноста на најмладите како највисок приоритет.
Министерот се осврна и на забраната на преку 220 сајтови за нелегално онлајн коцкање, резултат на дигитална анализа и следење на IP-адреси и VPN-механизми.
На крајот, Андоновски го истакна и проектот INNOFEIT, дел од програмата „Дигитална Европа“ – Европски дигитален иновациски хаб, кој е плод на стратешка соработка меѓу Владата, академската заедница (ФЕИТ) и приватниот сектор. Со инвестиции над 60 милиони денари, INNOFEIT докажува дека Македонија има капацитет да не следи само регионалните процеси, туку и да ги води во дигитализацијата и иновациите.
– Во изминатите 12 месеци покажавме дека со јасна стратегија, соработка меѓу институциите и поддршка од партнерите – може да се постигнат резултати кои директно ја подобруваат јавната услуга и ја зголемуваат довербата во државниот систем, заклучи Андоновски.