Потпретседателката на Словенското велосипедско друштво „Рог“, Маја Овен, остро ги критикуваше цените во угостителските објекти во градот Хвар, Хрватска. Таа на 29 јуни преку објава на „Фејсбук“ изрази незадоволство од „ненормалните“ цени, тврдејќи дека локалите се празни, а цените енормно високи.
„Хвар, денес во 18:30 часот – празни локали. Не се сеќавам дека некогаш сме платиле пиво 8,5 евра“, напиша таа, приложувајќи и фотографии од менијата. Според неа, шпагети болоњезе чинат 29 евра, дневна чорба 11 евра, а десерт 12 евра. Освен тоа, Овен посочи дека повеќето локали бараат плаќање во готово и не издаваат фискални сметки.
„Ако сте биле на Хвар, нема потреба да одите годинава. Ако не сте – почекајте да се вратат во нормала“, порача таа.
Нејзината објава предизвика лавина коментари со слични искуства. „Иста приказна во Пореч. Нема луѓе, а однесувањето е за секоја критика“, напиша една корисничка. Други коментираа дека Хрватска се обидува да се претвори во „модно летувалиште за богатите“, но притоа ги одбива традиционалните туристи од регионот.
Некои туристи велат дека во околината на Задар ситуацијата сè уште е поднослива: „Големо пиво на плажа 3,5 евра, храна 12 до 20 евра“.
Иако официјалните бројки покажуваат пораст на туристичкиот промет – 12% повеќе ноќевања и речиси 19% пораст на фискализирани сметки во јуни – впечатокот на терен е поинаков. На социјалните мрежи и блогови сè почесто се појавуваат примери од несекојдневни цени: крема за сончање 30 евра, чоколадо над 8 евра, чипс 4 евра, минерална вода 6 евра, лежалки како луксуз.
Министерот за туризам, Тончи Главина, тврди дека Хрватска сè уште нуди добра вредност за парите и повика на воздржаност во јавните критики, предупредувајќи дека негативниот наратив може да ѝ наштети на репутацијата на земјата. Сепак, ако трендот со цените продолжи, Хрватска ризикува да го изгуби имиџот на пристапна и гостопримлива медитеранска дестинација.