Иранскиот теократски режим има длабоки корени на Балканот, особено во Босна и Херцеговина, каде што веќе три децении воспоставува мрежи на воено, разузнавачко и културно влијание. Како што пишува Филип Сулиманец за печатеното издание на Express, сè започнало со испраќање ирански борци уште во првите месеци од војната во БиХ.
Според австрискиот истражувачки центар MENA, Иран испратил илјадници борци од Револуционерната гарда (IRGC) под покритие на хуманитарната организација Црвен Полумесечина. Washington Post известил дека во мај 1994 година, во територија под контрола на Армијата на БиХ, пристигнале 400 ирански борци. Истовремено, преку Загреб биле испорачани 60 тони експлозив и суровини за производство на оружје.
Покрај Иранците, пристигнале и 400 борци од либанскиот Хезболах, предводени од Али Фадија – познат во регионот како „Алаа Босна“. Според записите на тогашниот ирански амбасадор во Сараево, Мухамед Ибрахим Тахеријан, Западот побарал повлекување на муџахедините поради страв дека БиХ ќе стане база на IRGC и исламски екстремисти во Европа.
По војната, Иран ја сменил тактиката и почнал со т.н. „мека стратегија“ – културно, верско и медиумско влијание. Преку Oдделот за култура при иранската амбасада во Сараево, почнуваат да се организираат курсеви по персиски јазик, верски предавања инспирирани од шиизмот и идеите на Хомеини, изложби, публикации и медиумски активности. Соработката е легализирана со билатерален договор за културна и образовна соработка од 1994 година.
Во рамки на оваа стратегија, во 2003 година е основана и фондацијата „Мула Садра“, со фокус на промовирање на исламската (шиистичка) филозофија, а особено мислата на Мула Садра и Аллама Табатабаи. Според MENA, Техеран обезбедува и финансиска и медиумска поддршка на локални институции, со цел ширење на своето влијание и создавање идеолошки сојузници.
Денес, иако Иран нема воено присуство во БиХ како во 90-тите, преку своите обрасци на „меки“ активности, останува значаен и контроверзен геополитички чинител во регионот.