Сериозни немири го потресуваат Лос Анџелес по наредбата на американскиот претседател Доналд Трамп за масовни апсења на мигранти, што предизвика бран жестоки протести, судири со полицијата, палење возила и грабежи. Инцидентите кулминираа со испраќање на над 2.000 припадници на Националната гарда и 700 маринци, иако за тоа не постои согласност од гувернерот на Калифорнија, демократот Гавин Њусом.
Според правните експерти, ваквиот потег е спорен и претставува можен преседан во кршењето на уставните овластувања на федералната власт. Министерот за одбрана Пит Хегсет изјави дека маринците ќе бидат распоредени во Лос Анџелес 60 дена, иако немаат овластување за апсења и нивната улога е ограничена на заштита на федерална имот и персонал.
Њусом најави тужба против администрацијата на Трамп, истакнувајќи дека ова не е само напад врз Калифорнија, туку предупредување за целата нација. „Овој човек е надвор од контрола“, изјави тој.
Последен пат претседател самостојно активирал Национална гарда беше во 1965 година, за време на борбата за граѓански права. За разлика од тоа, коментаторите предупредуваат дека Трамп го користи воениот апарат за да ја загуши слободата на говор и протест.
Аналитичарот Божо Ковачевиќ смета дека Америка се наоѓа на работ на граѓанска војна, обвинувајќи го Трамп за злоупотреба на власта и обид за уривање на демократските институции. „Тој сака Америка од 19. век, бела, протестантска и доминантна. Ова е пат кон автократија“, изјави Ковачевиќ.
Со испраќањето на маринци и обидот за централизирање на власта, Трамп не само што ја става на тест американската демократија, туку и го продлабочува јазот меѓу федералната влада и државите што не му се политички наклонети.