Голем корупциски скандал изби во Украина, откако антикорупциските органи уапсија пратеник, државни и воени функционери под сомнение за злоупотреба на јавни средства при набавка на дронови и воена опрема. Според обвинението, организирана група во 2024 и 2025 година систематски проневерувала пари наменети за одбраната, а еден договор бил зголемен за 80.000 долари над реалната вредност.
Осомничени се поранешен гувернер, шеф на регионална администрација, командант на Националната гарда, како и директор на фабрика за дронови. Неколкумина биле фатени на дело при примање мито.
Ова следи по повлекувањето на спорниот закон со кој претседателот Володимир Зеленски се обиде да ги стави антикорупциските институции под контрола на главниот обвинител. Законот предизвика масовни протести низ Украина, по што Зеленски го повлече, а парламентот повторно ја врати независноста на NABU и SAPO.
Зеленски изјави дека постои „нулта толеранција кон корупцијата“ и ја пофали работата на истражителите, додека европските партнери оценија дека враќањето на независноста на институциите е клучно за евроинтеграциите на Украина.