Украинското Министерство за надворешни работи соопшти дека во масовниот руски напад на Киев извршен ноќта меѓу четврток и петок биле користени беспилотни летала произведени во Кина. Според заменик-министерот Андриј Сибихa, остатоците од срушените дронови покажуваат јасно потекло.
„Нема подобра метафора за тоа како Русија го шири својот воен терор – користи иранско оружје и кинески технологии за да удира по Украинците“, изјави Сибихa, потсетувајќи дека неодамна беше оштетена и зградата на кинескиот конзулат во Одеса при руски напад.
Нападот врз украинската престолнина, кој дојде помалку од 12 часа по телефонскиот разговор меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп, предизвика сериозна материјална штета. Според Киевската воена управа, погодени се најмалку 13 локации, а во нападите се повредени најмалку 19 лица, од кои 14 се хоспитализирани. Пожари избувнаа на повеќе места во градот, при што беа оштетени стамбени објекти и делови од цивилната инфраструктура.
„Русија, терористичка држава, остави пепел и пустош зад себе“, изјави началникот на Киевската воена управа Тимур Ткаченко, повикувајќи ги граѓаните да ги затворат прозорците поради опасни гасови што се ослободиле при пожарите.