УТРО.мк

Хорор во Тексас: Поплави однесоа 24 животи, исчезнати се над 20 девојчиња од христијански камп

Хорор во Тексас: Поплави однесоа 24 животи, исчезнати се над 20 девојчиња од христијански камп
Vero

Катастрофални поплави го погодија јужниот и централниот дел на американската сојузна држава Тексас, при што животот го загубија најмалку 24 лица, а десетици сè уште се водат како исчезнати. Меѓу нив се и најмалку 23 девојчиња од христијанскиот летен камп „Мистик“, кој беше буквално збришан од надојдените води.

Државните власти соопштија дека помеѓу 23 и 25 девојчиња од кампот сè уште не се пронајдени. Родителите во очај поставуваат фотографии на своите деца на социјалните мрежи, молејќи за било каква информација.

Реката се излеала 8 метри за само 45 минути

Стихијата започнала по силна бура која пред зори донела скоро 30 сантиметри дожд – двојно повеќе од предвидувањата на метеоролозите. Реката Гвадалупе, која тече низ регионот познат како Hill Country, надошла драматично и се излеала до висина од 8 метри за помалку од еден час, поплавувајќи цели делови од теренот, вклучително и летниот камп полн со деца.

Сведоштва од преживеаните

13-годишната Елинор Лестер раскажа дека ја разбудил силен гром околу 1:30 часот по полноќ, по што набрзо била евакуирана со хеликоптер. Нејзината кабина се наоѓала на повисок терен и избегала од поплавите, но другите девојчиња, чии кабини биле веднаш покрај реката, биле први погодени.

„До утрото немавме ни храна, ни вода, ни струја. Кампот е целосно уништен. Беше страшно. Некои девојчиња сè уште не се пронајдени,“ изјави Елинор.

Државата во трага по исчезнатите

Властите соопштија дека досега се спасени 237 лица, но потрагата продолжува. Во локално училиште е отворен кризен центар за засолниште и информации за семејствата.

Заменик-гувернерот на Тексас, Ден Патрик, ги повика граѓаните на молитва: „Искрено ве молам – на колена – молете се да ги пронајдеме овие девојчиња.“

Овој трагичен настан потсетува на слична катастрофа од 1987 година, кога поплави проголтаа автобус со тинејџери од друг камп, при што загинаа 10 деца.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран