Москва испрати порака до НАТО: „Ќе треба да научите руски, ќе ви треба во Сибир“
Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, на својот профил на „Икс“ со иронија го коментираше неодамнешниот настап на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој предупреди на можно воено дејствување на Русија во координација со Кина.
„Наредникот Руте очигледно проголтал волшебни печурки, кои Холанѓаните ги обожаваат. Го гледа заговорот помеѓу Русија и Кина околу Тајван и претпоставува напад на Русија врз Европа“, напиша Медведев, осврнувајќи се на изјавите на Руте за потенцијална руска офанзива против земјите на Европската Унија во соработка со Пекинг.
Медведев додаде дека во едно Руте сепак е во право — дека би требало да научи руски јазик, бидејќи „ќе му треба во некој сибирски логор“.
Претходно, Марк Руте во интервју за „Њујорк Тајмс“ изјави дека Русија, според неговото мислење, може да изврши напад врз НАТО со поддршка од Кина, со цел да го одвлече вниманието на САД, доколку кинескиот претседател Си Џинпинг реши да го нападне Тајван.
Тој исто така нагласи дека договорот за зголемување на одбранбените расходи на земјите членки на НАТО до 5% од БДП до 2035 година е неопходен за обезбедување на безбедноста, вклучително и за заштита од Русија, додавајќи дека во спротивно земјите на Алијансата „ќе мора да учат руски јазик“.