Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, се осврна на деталите од неодамнешниот разговор меѓу Владимир Путин и францускиот претседател Емануел Макрон, истакнувајќи дека поради искуствата од минатото, рускиот лидер морал да биде воздржан во комуникацијата.
Песков посочи дека се мисли на разговорот кој Путин и Макрон го водеа пред повеќе од две години, а кој на крајот беше објавен во медиумите.
На прашањето дали овојпат биле преземени дополнителни безбедносни мерки, Песков одговори дека такви мерки немало, но нагласи дека Путин морал да биде повнимателен и повозддржан во изразувањето на своите ставови во споредба со претходно.
„Не, немаше дополнителни мерки. Меѓутоа, земајќи ја предвид хипотетичката можност и заканата разговорот да стане јавен, човек мора да биде воздржан во објаснувањето на својот став и ставовите на некои свои колеги“, изјави Песков.
Претходниот разговор и објавувањето на неговиот транскрипт Песков го опиша како болно и непријатно искуство.
„Такво тажно искуство на кршење на доверливоста на разговорите, за жал, постои. Сепак, засега ништо дополнително не е објавено“, додаде тој.
Тој се осврна и на претходната изјава на Путин, кој нагласи дека од сега натаму Кремљ ќе биде свесен дека на Запад овие разговори се слушаат и снимаат.
Во септември 2022 година, за време на телефонскиот разговор меѓу Путин и Макрон, францускиот претседател ја прекрши доверливоста со тоа што во разговорот ги вклучи новинарите без претходно предупредување, што предизвика критики.
Во јули 2022 година беше прикажан документарен филм на францускиот режисер Ги Лагаш „Претседателот, Европа и војната“, кој ги прикажува чекорите на Макрон за решавање на украинскиот конфликт.
Во делови од филмот, Макрон разговара со странски лидери и консултира со свои советници, чиј дијалог е снимен и слушлив низ целиот филм. Многумина поставија прашање дали соговорниците на Макрон биле свесни за снимањето. Режисерот предложи ова да се провери со Елисејската палата.