Тројца загинати, меѓу нив и македонски државјанин, во тешка сообраќајна несреќа во Разград
Тројца мажи загинаа ноќеска во тешка сообраќајна несреќа во Разград, североисточна Бугарија, кога автомобил управуван од 19-годишен возач удрил во маси поставени пред угостителски објект. Меѓу жртвите е и македонски државјанин со постојан престој во Бугарија, јавуваат бугарските медиуми.
Несреќата се случила околу 1:36 часот по полноќ на улицата „Грнчарска“. Возачот, кој бил зад воланот само една година, изгубил контрола врз возилото, при што удрил директно во маса на летна тераса, каде што седеле тројцата загинати – на возраст од 64, 52 и 68 години.
Според првичната истрага, автомобилот најверојатно претекнувал друго возило, а при маневрот едното тркало влегло во локва, по што возачот ја изгубил контролата. Како што изјави окружниот јавен обвинител за Бугарското национално радио, жртвите „се нашле во сендвич помеѓу движечкиот и паркиран автомобил“.
Тинејџерот не покажал присуство на алкохол или дрога при првичните тестови, но се земени примероци за дополнителни анализи. Автомобилот бил во сопственост на неговиот татко.
Возачот е прво задржан во полициски притвор 24 часа, кој подоцна е продолжен на 72 часа. Истрагата за трагичниот инцидент е во тек.