Јапонија се соочува со сериозна закана од цунами, откако силен земјотрес го погоди рускиот полуостров Камчатка, принудувајќи ги властите да евакуираат околу 1,9 милиони луѓе од источниот дел на земјата.
Земјотресот со епицентар на длабочина од 20 километри предизвика активирање на предупредување за цунами долж пацифичката обала – од Хокаидо до Вакајама. Според проценките, можно е да се појават бранови високи и до три метри, а во некои крајбрежни региони веќе се забележани бранови од 1,3 метри.
Локалните медиуми јавуваат за драматични сцени – граѓани кои се искачуваат на покриви и безбедни високи места, чекајќи нови упатства од надлежните институции. Цунамито предизвика и прекини во железничкиот и авионскиот сообраќај, особено во погодените крајбрежни подрачја.
Премиерот на Јапонија, Шигеру Ишиба, изјави дека државата е подготвена да преземе сите неопходни мерки за заштита на населението и нареди итна мобилизација на сите надлежни министерства и служби за управување со кризи.
Властите апелираат до граѓаните кои се наоѓаат во ризичните зони да останат на безбедни места и внимателно да ги следат официјалните информации, сè додека не биде повлечено предупредувањето за цунами.