Литванската армија потврди дека е пронајдена беспилотна леталица на воениот полигон Гаижунаи, во близина на градот Јонава, која, според првичните информации, личи на рускиот борбен дрон „Шахед“ што често се користи во војната во Украина.
Дронот, за кој се претпоставува дека влегол во литванскиот воздушен простор од територијата на Белорусија, бил предмет на петдневна потрага откако неколку граѓани пријавиле необичен летечки објект во близина на главниот град Вилнус. Сѐ уште не е потврдено дали леталото било опремено со експлозив или дали содржело гориво.
Според проценките на литванската армија, можно е дронот да бил пренасочен од украинската противвоздушна одбрана, а случајот предизвика загриженост поради отсуството на радарско покривање во регионот каде што дронот се урнал.
Ова не е прв случај на навлегување на беспилотни летала во воздушниот простор на балтичките земји. По инцидентот, литванската влада испратила протестна нота до властите во Минск и побарала официјално објаснување. Дополнително, земјата распореди засилени сили и противвоздушни системи на границата со Белорусија.
Белорусија, како блиска сојузничка на Русија, е под постојана критика од Литванија и другите НАТО-членки поради улогата во регионалната нестабилност, особено по започнувањето на руската инвазија врз Украина.