Американските воздушни напади врз три ирански нуклеарни објекти минатиот викенд не ги уништија клучните елементи од нуклеарната програма на Иран и најверојатно ја забавија за само неколку месеци, покажува рана проценка на американските разузнавачки служби, објави Си-Ен-Ен повикувајќи се на седум извори запознаени со наодите.
Оваа проценка, досега необјавена, ја изработила Агенцијата за одбранбено разузнавање (DIA), врз основа на анализа на штетите од страна на Централната команда на САД. Истражувањето е сè уште во тек и се очекуваат дополнителни податоци.
Сепак, почетните наоди се во спротивност со изјавите на претседателот Доналд Трамп и министерот за одбрана Пит Хегсет, кои тврдат дека нуклеарните капацитети на Иран се „целосно уништени“. Два извора велат дека залихите на збогатен ураниум не се уништени, а центрифугите се во голема мера недопрени. Еден извор истакнува дека ураниумот бил преместен пред нападите.
– Оценката е дека Иран е вратен неколку месеци наназад – изјави еден од информираните.
Иако Белата куќа го признава постоењето на проценката, не се согласува со неа. Трамп, кој присуствува на самитот на НАТО во Холандија, го отфрли извештајот на Си-Ен-Ен, нарекувајќи ја операцијата „еден од најуспешните воени напади во историјата“.
Американската војска соопшти дека нападот бил изведен според планот и го оцени како „огромен успех“.
САД продолжуваат со собирање разузнавачки податоци и анализа на штетата, но засега нема јасна слика колку останатите разузнавачки агенции се согласуваат со наодите на DIA.