Четворица палестински цивили загинале во напад на израелските сили (IDF) источно од градот Газа, и покрај тоа што примирјето беше на сила веќе петти ден, јави утрово ВАФА.
Според медицински извори, четирите лица загинале кога израелски дронови стрелале кон жители кои ги проверувале своите домови во населбата Шуджаија, источно од градот Газа.
„Тајмс оф Израел“ објави дека тројца Палестинци наводно загинале во нападот откако „очигледно се приближиле кон израелските трупи во Газа“.
Според воен извор, тројцата осомничени се приближиле кон трупите во тој регион. Војниците прво испукале предупредувачки истрели, а откако осомничените продолжиле да се приближуваат, биле таргетирани од воздух.
Израелските одбранбени сили повеќе пати предупредиле Палестинците да не се приближуваат кон подрачјата во Газа под израелска воена контрола за време на примирјето.