
Конфликтот меѓу САД и Иран продолжува да се интензивира, откако американската војска седма ноќ по ред изведе воздушни напади врз повеќе воени цели на иранска територија. Акцијата следува по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека привремениот договор за примирје повеќе не важи.
Според Централната команда на САД, нападите биле насочени кон објекти за надзор, логистичка инфраструктура, подземни складишта за оружје и поморски капацитети, а во операцијата биле вклучени борбени авиони, беспилотни летала и воени бродови.
Иран соопшти дека возвратил со ракетни напади врз американски објекти во Кувајт и Јордан. Американската војска потврди дека во нападите се повредени 13 нејзини припадници, додека иранските власти тврдат дека од обновените американски напади загинале десетици лица, а стотици се повредени.
„Војната оди добро. Победуваме наголемо во Иран и многу, многу наскоро ќе ги видите плодовите од тој труд“, изјави Трамп.
Во меѓувреме, Вашингтон ги отфрли обвинувањата на Техеран дека американските сили гаѓале цивилна инфраструктура, вклучувајќи мостови, железничка станица и аеродром. Сепак, снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат оштетувања на мостови и патишта во јужниот дел на Иран.

















