
Турското Министерство за здравство започна со работа на нови специјализирани клиники наменети за млади од 12 до 18 години кои сакаат да се ослободат од зависноста од никотин. Во овие центри ќе се нуди индивидуализирано лекување, стручно советување и психолошка поддршка, прилагодени на потребите на адолесцентите.
Според здравствените власти, сè повеќе млади стануваат зависни од никотин поради влијанието на врсниците, социјалните мрежи и полесната достапност на новите никотински производи, особено електронските цигари.
Во моментов специјализираните клиники функционираат во седум центри во областите Агри, Анкара, Бурса, Чанакале, Чорум и Ќутахја, а Министерството најавува дека мрежата постепено ќе се проширува низ цела Турција.
Оваа иницијатива е дел од пошироката национална стратегија за намалување на пушењето. Во изминатите години во земјата се отворени околу 1.600 клиники кои им помагаат на граѓаните да се откажат од употребата на тутун.
Во меѓувреме, турските медиуми објавија дека владејачката Партија на правдата и развојот (АКП), во соработка со Министерството за здравство, подготвува законски измени со кои се предвидуваат дополнителни ограничувања за пушењето. Според најавите, една од мерките е целосна забрана за продажба на тутунски производи во Турција од 1 јануари 2040 година.

















