УТРО.мк

Слободан Костовски осуден на 20 години затвор како организатор на „Балканскиот картел“

Слободан Костовски осуден на 20 години затвор како организатор на „Балканскиот картел“
Vero

Вишиот суд во Белград донесе првостепена пресуда против членовите на озлогласениот „Балкански картел“, обвинети за организирање меѓународен транспорт на повеќе од два тона кокаин преку Атлантскиот Океан.

Како организатор на криминалната група, Слободан Костовски е осуден на максимална казна од 20 години затвор. Никола Стојадиновиќ доби казна од 18 години, Небојша Субин е осуден на 14 години затвор, додека Бојан Копитовиќ доби седумгодишна затворска казна.

Судскиот совет ги прогласи четворицата обвинети за виновни за неовластено производство и трговија со наркотични дроги во рамки на организирана криминална група, која според обвинението дејствувала од март 2022 година до август 2024 година.

Случајот се однесува на заплената на околу два тона кокаин со висока чистота, кој беше откриен на 24 август 2024 година во меѓународни води на Атлантскиот Океан. Дрогата била пронајдена на едрилица, управувана од украински и чешки државјанин, кои, според обвинителството, биле ангажирани од Костовски.

Обвинителството тврдеше дека групата имала развиена мрежа за набавка, транспорт и дистрибуција на кокаин кон европскиот пазар. Членовите обезбедувале пловила за прекуокеански транспорт, воспоставувале контакти со јужноамерикански криминални структури и организирале преземање, криење и понатамошна продажба на наркотиците.

По објавувањето на пресудата, Костовски, Стојадиновиќ и Субин останаа во притвор поради опасност од бегство.

Костовски, кој важеше за еден од клучните луѓе поврзани со „Балканскиот картел“, претходно бил во бегство откако избегал од затвор во Бразил, по што за него била распишана меѓународна потерница од Интерпол.

Пресудата е првостепена, што значи дека странките имаат право на жалба.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран
MegaWin
MegaWin