
Португалија и Шпанија се на работ на вонредна состојба, откако бурата „Леонардо“ се движи кон Иберискиот Полуостров, носејќи со себе силни ветрови, обилни дождови и закана од крајбрежни поплави. Локалните власти веќе издадоа предупредувања и ги повикаа граѓаните да преземат итни мерки за заштита.
Според најновите прогнози, ударот ќе започне од Португалија во вторник попладне, а потоа бурните услови ќе се прошрат и кон јужните делови на Шпанија од среда. Особено ранливи се регионите Алгарве и Баиша Алентежо, каде што се очекува интензивен дожд и опасни налети на ветер.
Метеоролозите предупредуваат дека брзината на ветровите на крајбрежјето може да достигне 75 км/ч, додека на поголемите надморски височини се предвидуваат налети и до 95 км/ч. Комбинацијата од силен дожд и брз ветер создава ризик од нови поплави, особено во делови каде реките сè уште не се целосно опоравени од бурата „Кристин“.
Покрај дождот и силните ветрови, се очекуваат и снежни врнежи на повисоките планински региони, што може дополнително да го наруши сообраќајот и да предизвика опасни услови за возачите.























