Рим, 4 јули — Утрово околу 8 часот силна експлозија го потресе источниот дел од Рим, поточно населбата Пренестино, откако дошло до несреќа на бензинска станица. Експлозијата предизвикала огромна огнена топка и густ црн чад што се издигнал над италијанската престолнина. Детонацијата се слушнала во поголем дел од градот, а најмалку три лица се повредени.
Според првичните информации од италијанските медиуми, несреќата настанала кога камион удрил во гасовод во близина на бензинска пумпа. Противпожарните служби веднаш излегле на терен по повикот, но експлозијата се случила пред нивното пристигнување. Еден пожарникар е тешко повреден и итно префрлен во болница, додека уште најмалку две лица се здобиле со повреди во хаосот што следел.
Паника меѓу граѓаните
Очевидци опишуваат драматични сцени. „Се разбудив од силна експлозија, звучеше како бомба“, изјавил еден жител за весникот La Repubblica. „Сите стакла затреперија, помислив дека е земјотрес“, раскажала друга жителка на населбата.
Сведоците додаваат дека пред првата експлозија почувствувале силен мирис на гас, по што следувала уште една, уште посилна детонација, која создаде огнена топка и предизвика оштетувања на околните згради.
Фотографии и видеа од местото на настанот покажуваат густи облаци од црн чад што се издигнуваат над Рим. Противпожарните и итните служби сè уште се на терен и работат на стабилизирање на ситуацијата. Дел од улиците се затворени за сообраќај, а жителите и возачите од околината се евакуирани од безбедносни причини.
Истрагата е во тек
Надлежните органи започнаа истрага за прецизните причини за експлозијата. Првичните извештаи укажуваат на можен технички дефект или човечка грешка, но сите опции засега остануваат отворени.
Станува збор за еден од најсериозните инциденти во Рим во последниве години. Локалните власти ги повикуваат граѓаните на зголемена претпазливост додека не се нормализира состојбата. Очекуваат дополнителни информации во текот на денот.
BREAKING: A powerful explosion struck a fuel depot on Via dei Gordiani in Rome, Italy, injuring multiple people.pic.twitter.com/Aw0EM1dhEW— Weather Monitor (@WeatherMonitors)July 4, 2025