Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, го најави почетокот на изработката на „Националната стратегија за развој и одржливост на демографијата 2024–2028“, како координиран и инклузивен одговор на сериозните демографски предизвици со кои се соочува Република Северна Македонија.

Според Лимани, државата веќе се соочува со намалување на населението, стареење на нацијата, иселување на младите и територијален дисбаланс во развојот. „Демографските промени не се судбина – тие се повик за акција“, рече министерот, потенцирајќи дека е неопходно итно делување.

Изработката на стратегијата се реализира со поддршка од Фондот за население на Обединетите нации (UNFPA) и водечката експертска група на чело со Жозе Мигел Гусман. Документот ќе биде заснован врз пет клучни столба:
инвестиции во младите и човечкиот капитал, поттикнување на повратната миграција, поддршка за семејствата, унапредување на системот за заштита на децата, рамномерен и правичен територијален развој.

„Веруваме дека преку тесна соработка со локалната самоуправа, меѓународните партнери и самите граѓани, можеме да изградиме држава во која младите ќе ја гледаат својата иднина, повозрасните ќе се чувствуваат безбедно, а секој граѓанин ќе биде дел од решението“, порача Лимани.
Од ВЛЕН најавуваат дека ќе продолжат да водат со визија, храброст и посветеност, претворајќи ги предизвиците во шанса за одржлив и достоинствен развој на државата.