
Индија во блиска иднина нема да купува нови руски борбени авиони од семејството „Сухој“, вклучително и најсовремениот руски ловец Су-57, соопшти секретарот на Министерството за одбрана Раџеш Кумар Синг.
Според него, индиските власти во моментов се насочени кон модернизација и унапредување на постоечките борбени авиони, наместо кон набавка на нови платформи.
Индија располага со околу 260 ловци Су-30МКИ, кои се произведуваат во земјата под руска лиценца. Синг нагласи дека приоритет е подобрување на нивните способности преку модернизација.
„Не сме разгледувале нови авиони Сухој. Индија активно работи на модернизација на постојните Сухој авиони, кои ги произведуваме под руска лиценца“, изјави тој.
Русија претходно ѝ понуди на Индија набавка на 36 до 40 авиони Су-57, а рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва е подготвена да испорача вакви ловци на Њу Делхи.

















