
Полицијата го пронајде и лиши од слобода 19-годишниот скопјанец кој со возило „фиат пунто“ удри 48-годишна жена во Ѓорче Петров и го напушти местото на несреќата.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата се случила на 5 август 2026 година околу 21:20 часот на крстосницата меѓу улиците „Борис Сарафов“ и „Крсто Раковски“ во Скопје.
Возачот со автомобилот удрил во 48-годишната А.С.К. од Скопје, по што избегал. Жената се здобила со тешки телесни повреди и била пренесена во ЈЗУ ГОБ „8 Септември“, каде што ѝ била укажана медицинска помош.
По извршениот увид од страна на увидна екипа на СВР Скопје, биле преземени мерки за идентификација и пронаоѓање на возачот и возилото. Осомничениот бил пронајден и приведен, а автомобилот бил одземен.
По насоки на јавен обвинител, 19-годишникот е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

















