
Германскиот товарен брод EMIL бил нападнат со руски беспилотни летала во Црното Море, при што на пловилото избувнал пожар, а биле оштетени и неговите контролни системи.
Според информациите што ги пренесуваат европските медиуми, нападот се случил во средата, во близина на украинското пристаниште Одеса. Бродот бил погоден неколку пати, по што екипажот бил принуден да преземе мерки за безбедност.
И покрај нападот, 11-те членови на екипажот останале неповредени. Ниту еден од нив не бил германски државјанин.
Бродот EMIL плови под либериско знаме и е во сопственост на германската компанија Johann M. K. Blumenthal GmbH & Co. KG од Хамбург. Во моментот на нападот се наоѓал на околу 21 наутичка милја од Одеса.
Руското Министерство за одбрана потврди дека руските беспилотни летала извршиле напади врз два товарни брода во Црното Море, јужно и источно од Одеса. Од Москва тврдат дека пловилата превезувале воена опрема.
Вториот погоден брод е Mera Queen, кој превезувал жито и пловел под знамето на Гвинеја-Бисао. Според медиумските извештаи, во тој напад загинал еден член на екипажот.

















