
Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џеј Ди Венс, изјави дека не очекува брзо постигнување договор со Иран, оценувајќи дека претстојните преговори ќе бидат долги, сложени и исполнети со предизвици.
Во интервју за „Фокс њуз“, Венс посочи дека политичкиот систем во Иран е длабоко поделен и дека во земјата постојат различни центри на моќ со спротивставени ставови.
„Иранците се исклучително тешки соговорници и имаат фрагментиран систем. Постојат луѓе кои сакаат војната да заврши, но има и радикални кругови кои сакаат нејзино продолжување“, изјави Венс.
Тој нагласи дека главна цел на американската администрација е, и покрај сложените околности, да обезбеди најповолен исход за Соединетите Американски Држави.
Според Венс, договор со Техеран веројатно нема да биде постигнат во блиска иднина, но изрази уверување дека Вашингтон ќе ги оствари своите стратешки цели.
„Верувам дека на крајот цената на нафтата ќе се намали и ќе остане ниска. Иран никогаш нема да поседува нуклеарно оружје, а САД ќе бидат во посилна позиција“, рече потпретседателот.
Тој додаде дека не треба да се носат конечни заклучоци додека преговорите сè уште траат, истакнувајќи дека САД ќе продолжат да се потпираат на комбинација од воен притисок, економски санкции и дипломатија во настојувањата да ги постигнат своите цели во однос на Иран.

















