
Најголем број од регистрираните случаи на западнонилска треска во Македонија се забележани во Скопскиот регион и во Велес, информираше министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој посочи дека надлежните институции веќе презеле мерки за спречување на ширењето на болеста, а околу домовите на заразените лица се извршени вонредни прскања против комарци во радиус од 200 метри.
Најризична локација во моментов е Драчево, каде се потврдени пет случаи. Според Клековски, таму било извршено прскање од земја, кое е поефикасно од авионското третирање.
Министерот информираше дека биле направени проверки во Скопје и останатите општини, при што најголемиот дел ги почитувале предвидените термини за редовно прскање против комарци.
Клековски апелираше и до граѓаните да придонесат во спречување на ширењето на вирусот со тоа што нема да дозволуваат задржување вода во дворови, градини и други места каде што комарците можат да се размножуваат.
Тој појасни дека западнонилската треска не се пренесува од човек на човек, туку главни природни домаќини на вирусот се дивите птици, а комарците се преносители на инфекцијата.
Според министерот, болеста не е нова во земјава, а најголем број случаи биле регистрирани во 2019 година. Тој додаде дека здравствените институции имаат капацитет за навремена дијагностика и следење на состојбата.

















