Голем пожар денеска избувна на климатскиот самит COP во Белем, Бразил, предизвикувајќи паника меѓу делегатите и привремено прекинување на официјалните преговори. Инцидентот се случил околу 14 часот во еден од павилјоните, во близина на кинескиот штанд, пренесуваат организаторите.
На видеоснимките од местото на настанот се гледа како делегати трчаат кон излезите додека безбедносните служби брзо ја започнуваат евакуацијата. И покрај драматичните моменти, според првичните податоци – нема повредени.
Министерот за туризам Челсо Сабина изјави дека пожарот е ставен под контрола и дека противпожарната служба реагирала веднаш по пријавата. Причината за пожарот засега не е позната.
„Стандардна процедура е евакуација, особено кога на едно место има илјадници луѓе. Организаторите ќе проценат дали денес ќе продолжат преговорите или учесниците ќе можат да се вратат во Сината зона дури утре“, рече Сабина.
Тој додаде дека материјалите со кои се покриени павилјоните се отпорни на оган и потсети дека вакви инциденти може да се случат на било кој голем меѓународен настан.
„Овој пожар може да се случи било каде во светот. Не треба да се создаваат предрасуди кон Белем“, нагласи министерот.
Организаторите најавија дека дополнителни информации ќе бидат објавени откако ќе заврши проверката на безбедносните услови на локацијата.























