Специјалниот суд за корупција и организиран криминал (ЃККО) денеска донесе мерки против албанската вицепремиерка и министерка за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку, суспендирајќи ја од сите државни функции и забранувајќи ѝ да ја напушти земјата. Одлуката е дел од активната истрага за неправилности во тендерските постапки.
Специјалното обвинителство СПАК на 31 октомври поднесе обвинение против Балуку за кривично дело „Повреда на рамноправноста на учесниците во јавни тендери или аукции“. Предметот се однесува на тендерската процедура за изградба на тунелот Љогара, проект во рамките на патната делница Орикум–Химара на автопатот Валона–Саранда.
Тендерот бил организиран на 11 декември 2020 година, но по негово откажување постапката повторно била отворена на 22 јуни 2021 година. Проектот бил проценет со лимитиран фонд од 18.967.810.952 леки, што изнесува околу 190 милиони евра без ДДВ, пренесуваат албанските медиуми.
По критиките од опозицијата на вчерашната пленарна седница, Балуку изјави дека е подготвена да соработува со истражните органи и дека нема да даде понатамошни коментари додека трае процесот.
Истражните постапки продолжуваат, а конечната одлука ќе зависи од исходот на обвинението поднесено од СПАК.























