
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен, излезе со поразителна оценка за глобалната геополитичка сцена – светскиот поредок кој го познаваме заврши и, според неа, никогаш нема да се врати. Оваа изјава таа ја даде на јавна трибина на престижниот париски универзитет Sciences Po, во придружба на премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен.
Фредериксен предупреди дека Европа се соочува со сериозни и долгорочни безбедносни предизвици, потенцирајќи дека Русија „не е заинтересирана за мир со Европа“. Таа ги повика Европската унија и САД да одржат цврста и обединета позиција пред глобалните кризи, нагласувајќи дека солидарноста меѓу западните партнери е поважна од кога било.
Таа не ги занемари ни последните тензии меѓу Данска и САД поврзани со Гренланд. Таа истакна дека и Копенхаген и Вашингтон го делат интересот за безбедноста на Арктикот, и дека Данска ќе се обиде „да најде заеднички пат“ со САД, и покрај растечката геополитичка чувствителност во регионот.
Гренландскиот премиер Јенс-Фредерик Нилсен, ги истакна последиците од овие глобални триења врз локалното население. „Нашата влада се наоѓа пред предизвик да се справи со надворешните притисоци и истовремено да ги заштити граѓаните кои се вознемирени од светските случувања“, нагласи Нилсен.



























