
Утрово во Загреб, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, утрово оствари работна средба со потпретседателот на Владата на Хрватска и министер за поморски работи, транспорт и инфраструктура, Олег Бутковиќ. На средбата, која ја потврди високата динамика и пријателскиот карактер на билатералните односи меѓу Македонија и Хрватска, главна тема беше решавањето на предизвиците во транспортниот сектор.
Николоски истакна дека новиот систем за електронска евиденција во земјите од Шенген зоната создава значителни пречки за македонските и регионалните превозници. Тој нагласи дека проблемот не се однесува само на Западен Балкан, туку го засега и европскиот бизнис кој инвестирал во регионот и е извозно ориентиран кон пазарите на ЕУ. Во тој контекст, заменик-претседателот побара цврста поддршка од Хрватска за изнаоѓање на соодветно решение на ниво на Европската унија, кое ќе ја олесни работата на транспортните компании.
Покрај транспортните предизвици, двајцата лидери разговараа и за продлабочување на соработката во железничкиот сектор. Особено беше потенцирана можноста за набавка на нови возови и локомотиви, како и за модернизација на возниот парк на МЖ Транспорт.
Средбата ги отвори и прашањата за економската и трговската соработка. Двајцата вицепремиери посочија на можностите за учество на хрватски компании во инфраструктурни проекти во Македонија и го нагласија значењето на интензивирање на економските врски.



























