
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска потпиша Меморандум за соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со кој се воспоставува долгорочна рамка за зајакнување на енергетската транзиција, чистата енергија и одржливиот развој во Северна Македонија.
Со Меморандумот се предвидува интензивна заедничка работа во областа на енергетиката, енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија и креирање одржливи политики, насочени кон зголемување на енергетската независност и отпорноста на државата, во согласност со националните приоритети и меѓународните климатски цели.
Божиновска истакна дека партнерството со УНДП значи конкретна поддршка за праведна и инклузивна енергетска транзиција, со фокус на намалување на емисиите, јакнење на институциите и подобрување на јавните политики. Посебно внимание ќе биде посветено на вклучување на младите, жените и ранливите категории граѓани во процесите на енергетската трансформација.



























