
Со Предлог-законот за отворени податоци и нивна повторна употреба од јавниот сектор, Македонија го усогласува своето законодавство со релевантните директиви и политики на Европската Унија. Законот се однесува на податоците создадени од институциите во рамките на нивните надлежности, како и на резултатите од истражувањата финансирани со државен буџет.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, нагласи дека со законот се овозможува системско поместување кон целосна отвореност: јасни обврски, стандарди и процеси – објавување навреме, машински читливи формати, висок квалитет и употребливост на податоците. За динамичните податоци, целта е тие да бидат достапни веднаш по собирањето преку API и bulk download, со почитување на заштитата на личните податоци, доверливоста и безбедноста.
„За граѓаните ова значи полесен пристап до информации и поголема отчетност. За медиумите и граѓанските организации – алатка за анализа и надзор. За бизнисот и стартапите – можност за креирање нови услуги и иновации, зголемување на конкурентноста и нови работни места“, рече Андоновски.
Министерот додаде дека начелото на повторна употреба на податоците е слободно, бесплатно и не бара претходно одобрување, со ограничувања само по исклучок и под разумни услови.
Тој истакна дека е редизајниран и технички унапреден Порталот за отворени податоци — data.gov.mk, кој сега нуди поголема брзина, стабилност и повисоко ниво на безбедност. Оперативниот систем е заменет, старите екстензии се преработени или изработени одново, а порталот доби нов дизајн и лого.
Дополнително, Андоновски најави интеграција на МДТ AI Assistant – интелигентен чат-бот кој овозможува природна интеракција, семантичко пребарување на податоци и автоматски насоки за користење на CKAN API. Проектот е резултат на соработка со студенти-волонтери и Македонски Телеком.
„Овој закон е шести од Поглавје 10 со кој Македонија се усогласува со ЕУ за помалку од една година. Но, ова не е финална верзија – ја отвораме расправата за подобрување и практична примена“, потенцираше Андоновски.
Програмскиот директор на Фондацијата „Метаморфозис“, Данче Даниловска-Бајдевска, додаде дека отворените податоци ја поттикнуваат информираната општествена и економска развојна политика и ја нагласи улогата на Фондацијата во развојот на овој концепт во Северна Македонија од 2011 година, со законско регулирање во 2014 година.



























